Западот со критики за Техеран и повик за деескалација на кризата
Број еден вест во светот е нападот од Иран врз Израел со речиси 200 балистички ракети. Тел Авив вети одмазда, Техеран тврди дека дејствувале во самоодбрана и оти ако Израел не возврати, акцијата е завршена. Дел од баражот ракети бил пресретнат од Американците. Западот го осуди нападот од Иран, и повика на деескалација на кризата која се заканува целиот регион да го втурне во тотална војна. Свикана итна седница на Советот за безбедност.

Иран изврши напади врз Израел истрелувајќи речиси 200 балистички ракети врз Тел Авив, Ерусалим и Хаифа. Оштетени се објекти, но нема загинати. Израелската одбрана со помош на САД пресретнала десетици проектили. Нетанјаху се закани со одговор, вели – ракетниот напад на Иран не успеа.
„Овој напад не успеа, беше спречен благодарение на израелскиот систем за противвоздушна одбрана. Им благодарам и на САД за поддршката во нашите одбранбени напори. Иран направи голема грешка – и ќе плати за тоа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Извршивме голем број пресретнувања. Има некои последици во централните и јужните делови на земјата, но не сме информирани за жртви“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Ако Тел Авив ја повтори грешката и возврати, следниот удар ќе биде поразорен, предупреди Техеран.
„Нивните луѓе не беа цел, иако тоа беше апсолутно изводливо. Подготвени сме и одбранбено и офанзивно да ја повториме оваа операција со поголем интензитет“, изјави Мохамад Багери, началник на Генералштабот на иранските вооружени сили.
Нападот на Иран е значајна ескалација – се огласи Вашингтон додавајќи дека ја следат ситуацијата и ќе се произнесат за следните чекори во однос на одговорот.
„Иран по вторпат во рок од пет месеци изврши директен напад врз Израел со околу 200 балистички ракети. Тоа е тотално неприфатливо и целиот свет треба да го осуди“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Советот за безбедност на ОН свика итна седница. Реакции и осуди за растечкиот конфликт на Блискиот Исток пристигнаа и од ЕУ. Шефот на европската дипломатија Борел вели дека опасниот циклус напади и контранапади ризикува да излезе од контрола. Повика на прекин на огнот во целиот регион. На деескалација повикаа и претседателката на ЕК Фон дер Лајен и германскиот канцелар Шолц. Реагираат и од Обединетото Кралство.
„Целосно го осудувам овој обид на иранскиот режим да им наштети на невините Израелци, да ја ескалира оваа неверојатно опасна ситуација и да го турка регионот уште поблиску до работ“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
„Нападот од Иран не е прифатлив. Би сакале строго да го осудиме, но би сакале и добро да соработуваме за да ја смириме ситуацијата за да не прерасне во сеопфатна војна“, изјави Шигеру Ишиба, премиер на Јапонија.
Во истовреме, Израел ја засили копнената инвазија против Хезболах во Либан со уште една дивизија додека нападите преку сината линија продолжија. Во последниот удар од милитантите кои истрелаа десетици ракети погодена е израелска касарна. Властите во Данска пак, истражуваат две експлозии во близина на израелската амбасада во Копенхаген. Во нападот нема жртви.
Бојана Крстевски
