Владата ќе забрани пристап до странските онлајн обложувалници
Владата бара начин да го забрани пристапот до странските онлајн обложувалници, откако минатиот месец одзеде лиценци на три домашни компании за онлајн игри на среќа …

Владата става крај на нелегалното онлајн обложување. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека се бара начин и како да се забранат странските домејни, кои приредуваат игри на среќа. Ги има стотина.
„Причината за ова што го правиме е поради тоа што, прво, нашите најмлади се зафатени од оваа болест, без никаква контрола. Ниту се знае дали користат туѓи лични карти, па се пријавуваат за игра, ниту се знае колку средства користат, а не се знае ни каде се излеваат тие средства, не се знае за што се користат тие средства понатаму, дали се за финансирање некои други нелегални активности. Ова е болест на македонското општество, која ни се случува. Справувањето со ова ќе биде примарна задача на Владата во наредниот период“, рече министерот Андоновски.
Андоновски додаде дека е потребна методологија како да ги забраниме овие веб-страници во Македонија затоа што нивната нелегалност е јасна, утврдена со Законот, но нивното постоење тука е затоа што тие се регистрирани некаде во светот и лесно се пристапни за нашите граѓани.
