Скопје

Голем пожар во зграда во скопски Чаир, евакуирани повеќе од 100 станари

02.10.2024 14:28

Пожар утрово зафати зграда во скопски Чаир. Повеќе од 100 станари се евакуирани, неколкумина завршија и во болница поради вдишување чад. Повреден е и пожарникар

Густ чад кој се ширел преку системот за вентилација и окното на лифтовите ги разбуди жителите на станбената зграда во Чаир. Се запалила пластика во подрумот кој се користел како магацин. Жители од пониските катови се спасиле трчајќи надвор, оние пак од повисоките катови на покривот чекале пожарникари да ги евакуираат.

Триесетина возрасни и уште 12 деца се пожалиле на проблеми со дишењето. За среќа ниту еден од станарите не се здобил со изгореници.

Деветкатницата е сместена во густо населена урбана средина. Пајак службата дислоцираше паркирани возила, за да можат пожарникарите да пристапат.

Опожарени се 1.000 метри квадратни простор кој се користел за складирање на залихи на позната скопска продавница.

 

Анита Димитријевска – Велковска