Не запира огнот на Блискиот Исток, свикана итна седница на Советот за безбедност
Не запира огнот и на Блискиот Исток. Иран го нападна Израел со речиси 200 балистички ракети истрелани врз Тел Авив, Ерусалим и Хаифа.Одбраната со помош на САД пресретнала десетици проектили.Нетанјаху се закани со одговор. Свикана итна седница на Советот за безбедност...

Иран го нападна Израел со речиси 200 балистички ракети истрелани врз Тел Авив, Ерусалим и Хаифа. Одбраната со помош на САД пресретнала десетици проектили. Нетанјаху се закани со одговор, вели – ракетниот напад на Иран не успеа. Во истовреме, ја засили копнената инвазија против Хезболах во Либан. Пешадиски и оклопни единици се придружуваат на операциите. Израелската одбрана извести за загинати војници.
„Овој напад не успеа, беше спречен благодарение на израелскиот систем за противвоздушна одбрана. Им благодарам и на САД за поддршката во нашите одбранбени напори. Иран направи голема грешка – и ќе плати за тоа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Иран нападна цивилни области и го загрози животот на многу цивили. Ќе одговориме, знаеме да лоцираме важни цели и знаеме да удриме прецизно и силно. Имаме способност да стигнеме и да удриме во која било точка на Блискиот Исток. Секој од нашите непријатели кој досега не го сфатил ова, наскоро ќе го разбере“, изјави Херзи Халеви, началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили.
Иран ги предупреди САД да не интервенираат во конфликтот. Ако Тел Авив ја повтори грешката и возврати, следниот удар ќе биде поразорен – предупреди Техеран. Ајатолахот Хамнеи вели дека присуството на американските и европските нации на Блискиот Исток е извор на конфликти, но не ги коментираше последните напади.
„Следниот пат, ако Израел направи нешто за да ја наруши нашата безбедност, можеме да ја нарушиме нивната безбедност. Дефинитивно ако сакаат да направат нешто погрешно, ќе добијат многу посилни одговори од она што беше демонстрирано синоќа“, изјави Масуд Пазешкијан, претседател на Иран.
Нападот на Иран е значајна ескалација – се огласи Вашингтон додавајќи дека ќе се произнесат за следните чекори во однос на одговорот. Реакции и осуди за растечкиот конфликт на Блискиот Исток пристигнаа и од Исток и од Запад.
„Војската на САД активно ја поддржа одбраната на Израел. И ние сè уште го проценуваме влијанието. Не правете грешка, Соединетите Американски Држави целосно го поддржуваат Израел“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Советот за безбедност на ООН свика итна седница. Итен состанок и на групата Г-7. Во меѓувреме, шведската полиција соопшти дека било пукано во близина на израелската амбасада во Стокхолм. Властите во Данска пак, истражуваат две експлозии во близина на израелската амбасада во Копенхаген. Во нападот нема жртви.
Маријана Димовска
