Македонија

Заменик-министерот Јаќимовски оствари средба со претставници од ДЗС и Статистички завод на ЕУ – Евростат

02.10.2024 19:22

Заменик министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимовски, оствари средба со претставници од Државниот завод за статистика и Статистички завод на Европската унија – Евростат …

Заменик министерот за јавна администрација, Проф. др. Лазе Јаќимовски одржа средба со претставници на Статистичкиот завод на Европската унија – Евростат, Жан – Пјер Понселет, директор на директоратот за стандарди, дисеминација и соработка на Европскиот статистички систем, и Клаудија Јункер, раководител на одделот Б3 и директорот на Државниот завод за статистика Д-р. Дејан Станков.

На самата средба се дискутираше за Статусот на Државниот завод за статистика во системот на државната управа, состојбата на недостаток од стручен кадар во самата институција и лавиринтот низ кој мора истата да помине, како би можела да реализира вработувања.

Во текот на средбата заменик министерот истакна дека Министерството за јавна администрација е отворено за соработка и посочи дека Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор се веќе објавени на Енер, и по истите може да се даваат мислења и забелешки согласно потребите на Државниот завод за статистика и истите ќе бидат разгледани од страна на Министерството.

Средбата заврши со можност за продлабочување на соработката и се дадоа неколку предлози од кои произлегува понатамошен дијалог и состанок со работната група по однос на предлог законите, како би можеле да се слушнат потребите на Државниот завод за статистика.