Свет

Блискиот Исток гори, нови ракетирања меѓу Хезболах и Израел

03.10.2024 08:46

Ситуацијата на Блискиот Исток ескалира. Меѓусебни ракетирања меѓу Хезболах и Израел. По нападот од Иран врз Израел со балистички ракети, Тел Авив се закани со одмазда. Техеран пак предупреди, ако тоа се случи, ќе следува уште пожесток одговор. Западот го осуди нападот и повика на деескалација на кризата.

Блискиот Исток гори. Проиранските милитантни групи го напаѓаат Израел. Хутите од Јемен со беспилотни летала врз Тел Авив, Хезболах од Либан со ракети кон север. Израел возвраќа со прецизни удари во центарот на Бејрут. Има жртви и повредени. Ги прошири воздушните напади и во Сирија. Уништено воено складиште во близина на Латакија. Се интензивираат и блиските борби на либанско тло. Израел известува за загинати војници, но Нетанјаху не се откажува од целите. Хезболах тврди-водиме херојска битка против израелските сили.

„Ние сме среде тешка војна против злобната оска на Иран, кој сака да нè збрише. Тоа нема да се случи, затоа што ќе застанеме заедно и ќе ги вратиме нашите заложници на југ и нашите жители на север“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„Ова е само почеток на она што ги чека окупаторските сили. Бројот на загинати кај непријателот е значителен. Признанието се појави и во медиумите, мораа да признаат бидејќи загубите се јасни“, изјави Мохамед Афиф, главен портпарол на Хезболах.

Привремениот либански премиер повика на итен прекин на огнот, откако над милион луѓе се раселени поради конфликтот. Со осуди за ескалацијата на Блискиот Исток и шефот на ОН, Гутереш.

„Крајно време е да се запре досадниот циклус на ескалација по ескалација, што ги води луѓето од Блискиот Исток директно преку работ во бездна. Секоја ескалација служеше како изговор за наредната. Овој смртоносен циклус на насилство мора да престане“, изјави Антонио Гутреш, генерален секретар на ОН.

Израелскиот амбасадор во ОН, Денон истакна дека времето за празни повици за деескалација е завршено. Иран пак, ракетниот напад врз Израел го правда како самоодбрана. Во исчекување на одговорот од Тел Авив, САД со јасен став-нема да поддржат одмазда врз нуклеарни локации, велат-одговорот треба да биде пропорционален. Заедно со лидерите на Г7 најавија нови санкции за Техеран.

„Разговаравме за дипломатските напори за да се обезбеди стабилност на Блискиот Исток. Г-7 го осудува нападот на Иран врз Израел и работат заедно на одговор, вклучително и на нови санкции“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Во истовреме се повеќе земји ги евакуираат своите граѓани од Либан додека ситуацијата ескалира на повеќе фронтови на Блискиот Исток и се заканува да прерасне во широка војна.

 

Бојана Крстевски