Култура

Дигитални слики од Јана Луловска во КИЦ

03.10.2024 08:58

Авторката ќе се претстави со дигитални слики кои постојат во еден простор во којшто флуидноста и течението не се само естетски квалитети, туку се најважни за самата природа на уметничкото дело.

Вечерва во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје, ќе биде отворена изложба на дигитални слики на авторката Јана Луловска насловена„Effortless“ (Природно). Авторката ќе се претстави со дигитални слики кои постојат во еден простор во којшто флуидноста и течението не се само естетски квалитети, туку се најважни за самата природа на уметничкото дело. Луловска употребува дигитални алатки за да ги надмине традиционалните ограничувања, создавајќи при тоа еден флуиден, неограничен визуелен простор каде уметноста не е прицврстена во рамките на својот медиум.

Во светот со брзо темпо, нејзините дела го повикуваат гледачот да ја доживее флуидноста на самиот дигитален медиум, нудејќи еден миг на спокојство, рефлексија и размислување. Изложбата Effortless е инспирирана од движењето Флуксус, и со една убавина и грациозност го втемелува природниот тек на настаните и нашите одлуки и избори, трансформирајќи ги секојдневните предизвици во спокојни и трансцедентни мигови на едноставност – вели кураторот на изложбата, Лазе Трипков.

Јана Луловска дипломирала  на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија.Таа е член на Друштво на ликовни уметници на Македонија и е интердисциплинарен уметник. Нејзин интерес  на работа  се фотографија, сликарство, графика и инсталација, а навлегува и во експериментален филм, видеоуметност, анимација и дизајн.

Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 15-ти октомври.