Израел ги проширува нападите, Нетанјаху не се откажува од целите
Блискиот Исток гори. Израел во клинч со милитантните групи во регионот. Хутите од Јемен нападнаа со беспилотни летала врз Тел Авив. Хезболах од Либан со ракети кон север. Израел возвраќа со прецизни удари во центарот на Бејрут. Ги проширува нападите и на другите фронтови. ООН и Либан со осуди за ескалацијата и повици за прекин на огнот. Додека израелскиот кабинет го одмерува одговорот за иранскиот напад, се повеќе земји ги евакуираат своите граѓани од Либан додека ситуацијата ескалира и се заканува да прерасне во широка војна.

Блискиот Исток гори. Проиранските милитантни групи го напаѓаат Израел. Хутите од Јемен со беспилотни летала врз Тел Авив, Хезболах од Либан со ракети кон север. Израел возвраќа со прецизни удари во центарот на Бејрут. Има жртви и повредени. На мета се и кампови низ Газа. Воздушните напади проширени и во Сирија. На удар Дамаск и воено складиште во близина до Латакија. Се интензивираат и блиските борби на либанско тло. Израел известува за загинати војници, но Нетанјаху не се откажува од целите. Хезболах тврди-водиме херојска битка против израелските сили.
„Ние сме среде тешка војна против злобната оска на Иран, кој сака да нè збрише, нема да се случи тоа – затоа што ќе застанеме заедно, и ќе ги вратиме нашите заложници на југ и нашите жители на север“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Ова е само почеток на она што ги чека окупаторските сили. Бројот на загинати кај непријателот е значителен. Признанието се појави и во медиумите, мораа да признаат бидејќи загубите се јасни“, изјави Мохамед Афиф, главен портпарол на Хезболах.
Привремениот либански премиер Микати повика на итен прекин на огнот откако над милион луѓе се раселени поради конфликтот. Со осуди за ескалацијата на Блискиот Исток и шефот на ОН, Гутереш.
„Крајно време е да се запре досадниот циклус на ескалација што ги доведе луѓето од Блискиот Исток директно на ивицата, се до бездна. Секоја ескалација служеше како изговор за наредната. Овој смртоносен циклус на насилство мора да престане“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Времето за празни повици за деескалација е завршено-потенцира Израел. Иран пак, ракетниот напад го правда како самоодбрана.
„Ова повеќе не е прашање на зборови. Иран е многу реална и присутна опасност за светот, и ако тие не бидат запрени, следниот бран на ракети нема да биде насочен само кон Израел“, изјави Дени Денон, амбасадорот на Израел во ОН.
„Ракетниот напад на Иран беше неопходен и пропорционален одговор на израелските континуирани терористички агресивни акти во изминатите два месеци“, изјави Амир Саид Иравани, амбасадор на Иран во ООН.
Во исчекување на одговорот од Тел Авив, САД со јасен став-нема да поддржат одмазда врз нуклеарни локации. Заедно со лидерите на Г-7 најавија нови санкции за Техеран.
„Разговаравме за дипломатските напори за да се обезбеди стабилност на Блискиот Исток. Г-7 го осудува нападот на Иран врз Израел и работат заедно на одговор, вклучително и на нови санкции“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Во истовреме се повеќе земји ги евакуираат своите граѓани од Либан додека ситуацијата ескалира на повеќе фронтови и се заканува да прерасне во широка војна.
Бојана Крстевски
