Поддршка за промоција на македонски производи
Контрола на нелојалната конкуренција, поголема финансиска поддршка за пчеларите и промоција на домашни производи, најави министерот Трипуновски. Деновиве треба да започне и исплатата на доплатата по кошница. Кумановските пчелари задоволни од мерките, но не и од климатските промени...

Поголема поддршка на пчеларите, но и контрола на нелојалната конкуренција, најави министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Трипуновски, на отворањето на манифестацијата „Денови на мед“ во Куманово. Целта рече е да се заштити домашното квалитетно производство. Најави и дека ќе започне исплатата на доплатата од 200 денари на субвенциите, за производителите со над 50 кошници.
„Веќе се подготвени налозите коишто се пуштени до Министерството за финансии за доплата на оние 200 денари кон сите пчелари во Република Македонија и веќе од наредните денови можат да ги очекуваат средствата на своите сметки“, изјави министерот.
Трипуновски најави и поддршка на манифестациите кои промовираат македонски производи. На саемот во Куманово кој ќе трае наредните три дена, граѓаните можат да набават различни медни производи. Производителите со забелешки за климатските промени. Дел регистрираат помали приноси.
„Против тоа не можеме, но мора да се прилагодуваме, доведуваме предавачи за едукација, најважно е тоа и ќе се прилагодуваме со помали кошници“, вели еден пчелар.
Тие генерално се задоволни од мерките за поддршка.
Манифестацијата Денови на мед во Куманово по 24-ти пат традиционално ја организира здружението Пчела.
Целта е да се заштитни автохтониот кумановски мед.
Елена Георгиевска
