Ремито ветува, но ќе мора да се даде барем гол во Финска
Со драстично променета физиономија во споредба со тимот којшто ја освои титулата во домашното првенство, без главното напаѓачко дуо Маневски-Илијоски, нашиот шампион главно му парираше на Хелсинки...

Реми без голови од Скопје ќе однесе во Хелсинки нашиот фудбалски првак Работнички, како капитал од којшто ќе се обиде да извлече профит во вид на пласман во третото претколо од Лигата на шампионите. Со синоќешните 0-0 на „Филип Втори“ против најдобрата екипа од Финска, продолжи серијата од 17 натпревари во коишто македонските прваци не можат да забележат победа во квалификациските рунди од елитната европска конкуренција. Сепак, добро е што таа и не мора да прекине баш на реваншот за Работнички да заигра во наредниот круг, бидејќи успех во двомечот ќе му донесе и секој нерешен резултат со дадени голови.
Колку можат да бидат реални таквите надежи, е друго прашање. Со драстично променета физиономија во споредба со тимот којшто ја освои титулата во домашното првенство, без главното напаѓачко дуо Маневски-Илијоски, нашиот шампион главно му парираше на Хелсинки. Повеќекратниот фински првак и доминантен тим во тамошната лига со неколку искусни репрезентативци е фаворит во двомечот, но во Скопје не остави впечаток на премногу моќен ривал. Сепак, факт е дека лесно ја исполни главната задача со којашто допатува – да не загуби и да не прими гол, а дури беше и поблиску да постигне. Голманот Шишковски како последен бедем не го дозволи тоа. Ако нешто обесхрабрува пред возвратниот дуел, тоа е фактот што Работнички не создаде шанса за гол, ниту пак вистински се закани. А без погодок на гости ќе нема начин да ја прескокне финската пречка.
Реваншот Хелсинки-Работнички ќе биде одигран наредната среда.
