Николоски со отчет

Поголемиот дел од автопатот Охрид – Кичево ќе биде ставен во функција до почетокот на следната летна сезона

03.10.2024 14:23

На отчетот за 100-те дена Влада, Николоски рече дека кредитот за реализација на овој проект е ефективен и парите биле одобрени.

Пред почетокот на наредното лето се очекува да биде пуштен во употреба голем дел од автопатот Охрид – Кичево, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. На отчетот за 100-те дена Влада, Николоски рече дека кредитот за реализација на овој проект е ефективен и парите биле одобрени.

„Очекувам од 7-ми октомври средствата да се стават на располагање на изведувачите што ќе ја зголеми динамиката на изведба на автопатот Охрид – Кичево. Во таа насока правиме измени на Законот за експропријација во делот на оставинските постапки кои се голем проблем за реализирање инфраструктурни проекти“, изјави министерот Николоски.

Николоски кажа и дека Министерството со кое раководи наследило тешка ситуација и празен буџет.

„Буквално третиот ден се соочив со ревизорскиот извештај за работењето на ЈП за државни патишта и двете железнички претпријатија. Го доставив до ЈО, но до денес немам информација дека ЈО постапило иако се работи за многу сериозни наоди“, нагласи Николоски.

Придобивките од брзо поврзување се европските држави се големи, но сепак, реализацијата на пругата до бугарската страна ќе почека подобро време.

Изградбата на модерни патишта, железницата и реконструкција на инфраструктурата во Македонија останува приоритет на Министерството за транспорт.

Николоски на отчетот за сработеното рече дека ќе се работи засилено на секое поле и ќе се завршат сите започнати проекти. При крај е градбата на експресниот пат Чатал-Крива Паланка, во должина на Коридорот 8 што треба да го поврзе Куманово со граничниот премин Деве Баир со Бугарија. Привршуваат и работите на експресниот пат Градско-Росоман и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.

Борис Грујоски