По пожарот во Чаир ќе се проверува статиката на зградата, станарите во неизвесност
Целосно е изгаснат пожарот што избувна вчера во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир. Состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ќе се утврдува...

По 25 часа борба со огнената стихија, изгаснат е пожарот во магацинот во станбената зграда во Чаир. Се испумпува водата од гаражниот простор, а работа за пожарникарите ќе има и во наредните денови. Станарите сè уште вознемирени. Чекаат дозвола за се вратат во домовите.
Нивната несреќа ја искористиле пожарникар и уште едно лице маскирано со противпожарна опрема кои влегле во становите со цел да украдат вредни предмети. Биле откриени и приведени, а украденото им е одземено.
Штом се расчисти просторот инженери ќе треба да ја проверат статиката на зградата за да се утврди дали е безбедно луѓето да се вратат во становите.
Пожарот кој пеплоса пластика, кабли, сијалици и лустери се прошири и на становите по истата вертикала, а изгореа и ходници од десеткатницата.
Анита Димитријевска – Велковска
