Уставен ќе одлучува по претставката на Апасиев за дискриминација од страна на Џафери
Во Уставниот суд, јавна расправа по поднесеното барање на пратеникот Димитар Апасиев. Тој наведува дека Талат Џафери, кога ја извршуваше функцијата претседател на Собранието не постапил согласно законот за референдум, односно за предлог-барањето на Апасиев решил сам, наместо матичната собраниска комисија...

Уставниот суд ќе одлучува по барањето на Димитар Апасиев за дискриминација по политичка припадност од поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери. На јавната седница Апасиев рече дека спикерот ја злоупотребил својата положба и постапил спротивно на Законот за референдум за прифаќање на францускиот предлог и одлучил сам за уредноста на поднесената иницијатива, наместо да ја предаде на Законодавно-правната комисија.
Џафери се пожали дека Уставниот суд му го ускратува правото на употреба на албанскиот јазик, но потоа на македонски објасни дека одлуката за одбивање на иницијативата за референдум на Апасиев е поради истекување на законскиот рок, а не поради политичка припадност. Уставните судии сакаа да знаат, дали Апасиев очекувал со референдум да спречи одлука за евроинтеграција која ја имаат само Владата и претседателот.
Апасиев добил одлука на Комисијата за спречување на дискриминација, но Граѓанскиот суд Скопје се прогласил за ненадлежен, Апелацискиот го вратил случајот на првостепениот суд.
Ирина Гелевска
