Трагедија

Загинаа три медицински лица од Прилеп

03.10.2024 15:16

Во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола изутрината загинаа тројца прилепчани-двајца доктори-специјалисти и радиолошка техничарка. Со години работеле во битолската болница „Плодност“. Обвинителството ги истражува причините за тешката несреќа...

Прилепчани се силно потресени од големата трагедија во која загинаа нивните сограѓани – двајца лекари специјалисти и радиолошка техничарка. Тие изутрината не стигнаа на работните места во битолската болница „Плодност“.

Сообраќајната несреќа се случи петнаесетина минути пред осум часот на магистралниот пат Прилеп-Битола на излезот од градот кај селото Лагово при директен судир на патничкото возило тојота во кое биле медицинските лица и товарен камион со скопски регистарски таблички. Од силината на ударот избил пожар кој два часа го гаснеа пет возила и 12 пожарникари.

Глетката при несреќата и за екипата на Итната медицинска помош била грозоморна.

Сè уште не се познати причините за несреќата. Јавниот обвинител нареди обдукција како и испитување примероци од крв и урина од возачот на камионот кој се здоби со повреди и беше префрлен во прилепската болница. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините.

 

Елизабета Митреска