Мицкоски: ДУИ се навикнува да биде опозиција
ДУИ полека, но сигурно се навикнува да биде во опозиција, изјави премиерот Мицкоски. За најавите за протести од интегративците вели – доколку од мирни и демократски преминат во насилство, ние мораме да ги одбраниме институциите. Во однос на барањето на Ахмети за ветинг изјави дека ќе слушаме во периодот што следува ваков тип на хумор и сатира. Лидерот на интегративците со реакција – да го пробаме хуморот да видиме како ќе излезе …

Најавата за мобилизација на членството на партиите од Европскиот фронт не ја плашат власта. Осуетен беше планот на ДУИ за дестабилизација на Македонија, па сега Ахмети и неговите блиски ја омекнуваат реториката-вели претседателот на Владата Мицкоски. Тој изрази надеж дека ДУИ сега во опозиција ќе се реформира и ќе има подобар пристап, наместо досегашните, како што рече „крадење и пакости на штета на граѓаните.
„Жалам што Али ги споредува својата партија и членовите со гума за спасување, очекував поголема креативност. Се надевам дека партијата ДУИ ќе се реформира и ќе има подобар пристап, наместо досегашните крадење и пакости кои ѝ биле главен приоритет на партијата. Секој има право на граѓански протест и дека тоа е убавината на демократијата. Ако протестите преминат во насилство, тогаш мораме да ги одбраниме институциите“, изјави Мицкоски.
Околу Предлог-законот за ветинг, предложен од ДУИ, премиерот со став дека се надевал ваквиот тип на хумор и сатира ќе заврши кога ДУИ ќе оди во опозиција.
Првиот човек на интегративците Ахмети експресно одговори „Да го пробаме хуморот, да видиме како ќе излезе“.
„Да видиме како ќе пројде хуморот. Јас не правам холивудски филмови и не сум холивудски сценарист. Нека повели, сите ќе ги правиме“, изјави Ахмети.
Министерот Арбен Таравари, чија коалиција доби покана од опозицијата, да се приклучиле на фронтот за борба против како што рекоа, антиалбанската кампања на Мицкоски рече дека ДУИ полека се адаптира на новосоздадените услови по изборите.
„Ахмети полека се навикнува да биде во опозиција, се надевам дека ќе се навикне уште подобро, само треба адаптација, ништо друго“, изјави Таравари.
За социјалдемократите 100 дена власт се исполнети со низа скандали, сметаат дека премиерот се шегува со граѓаните кога вели дека е задоволен од сработеното.
Марина - Стојанова Тонева
