ФРАНЦИЈА

Муцунски од Стразбур повика да се почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права

03.10.2024 17:55

Муцунски од говорницата на ПССЕ од Стразбур, повика да се почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права, без директно да ја посочи Бугарија, но пораката беше јасна, пресудите мора да се почитуваат. Македонскиот шеф на дипломатијата зборуваше и за европските интеграции на нашата земја, која идната година ќе слави 30 години од членството во Советот на Европа и дваесет години од кандидатурата за членство во ЕУ …

За време на посетата на Стразбур министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имаше работни средби со највисоките претставници на Советот на Европа, по што следуваше неговиот најважен дел од посетата, обраќањето пред пратениците од 46-те земји членки на СЕ.

Министерот Муцунски во одговорите на прашањата од пратениците беше прилично конкретен и јасен, во обраќањето повеќе се осврна на сите прашања што се важни за Советот на Европа, без конкретно да спомене некоја земја, како Бугарија или Грција. Ова се толкува како еден вид опомена, особено до Бугарија, со надеж дека ќе преземат нешто, но и како израз на македонската политичка волја да се работи заеднички на решавање на спорните прашања.

Тој особено инсистираше на почитувањето на меѓународните договори и принципите и вредностите на Советот на Европа, пораката беше јасна пресудите мора да се почитуваат.

„Сепак, постои растечка тенденција во делови од нашиот регион да се гледаат пресудите на ЕСЧП како сугестии, а не како обврзувачки пресуди. Ова ги поткопува самите основи на нашата архитектура за човекови права и ризикува да го наруши кредибилитетот на нашите институции. Кога земјите одложуваат или одбиваат да ги спроведат овие пресуди, особено кога се однесуваат на правата на малцинствата или ранливите групи, тие испраќаат опасна порака – дека за некои права може да се преговара и дека правдата може да се одложува на неодредено време“, нагласи Муцунски пред ПССЕ.

Претседателот на ПССЕ Русополос, нагласи дека еден од главните приоритети на Советот на Европа е интеграцијата на регионот во ЕУ.

Многу пратеници потоа му поставуваа прашања на македонскиот министер, најбројни беа сепак тие од Бугарија, кои се интересираа за внесувањето на Бугарите во Уставот и изградбата на Коридорот 8, добрососедските односи и почитувањето на договорот од Преспа и тој со Бугарија.

„Убедени сме дека уставната реформа се однесува на еден друг контекст. Колку уште амандмани треба да се направат за да ѝ се приклучиме на ЕУ. Дали некој ќе ни гарантира дека тоа ќе биде последниот амандман на Уставот, што ќе ни биде побаран за да бидеме полноправни членка. Сакам да нагласам дека оваа уставна измена нема никаква врска со критериумите воспоставени од ЕУ, критериумите од Копенхаген, од Мадрид или европските „аки“ – придобивки. Ние сме подготвени да разговараме со нашите соседи за начинот на кој можеме да напредуваме, но врз основа на реципроцитет“, рече Муцунски.

 

Тони Гламчевски