Холандски компании заинтересирани за инвестиции во македонскиот аграр
Верхеен побара од министерот Цветков поблиску да се запознае со состојбите во македонското земјоделство и можностите за инвестирање...

Холандски компании се заинтересирани за инвестирање во македонскиот земјоделски сектор, истакнал вршителот на должноста амбасадор на Холандија во Македонија Питер Верхеен на денешната средба со македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Со оглед дека Кралството Холандија претставува втор најголем извозник на земјоделски производи во светот и тоа што во македонското земјоделство гледаат големи можности за инвестирање, Верхеен побара од министерот Цветков поблиску да се запознае со состојбите во македонското земјоделство и можностите за инвестирање, соопшти по средбата Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Вршителот на должноста амбасадорот Верхеен изразил уверување дека во иднина Кралството Холандија со експертски тимови ќе му помага на македонското земјоделство, со цел полесно и побрзо прилагодување кон новите современи текови во производството на храна.
На средбата е констатирано дека соработката на Република Македонија и на Кралството Холандија е на високо ниво, но на полето на земјоделското производство може да се продлабочува и интензивира.
