Блиски Исток

Интензивирани нападите меѓу Израел и Хезболах

04.10.2024 09:39

Интензивирани нападите меѓу Израел и Хезболах. Пресечен и патот на границата Либан-Сирија ...

Тел Авив го зголемува притисокот врз милитантите. Извршени серија последователни удари врз Бејрут. Цел на нападот бил потенцијалниот наследник на Насрала. Експлозии одекнаа и во близина на аеродромот. Пресечен и патот на границата Либан-Сирија. Војската тврди бил користен за транспорт на оружје. Најавија дека ќе продолжат со уништувањето на Хезболах.

„Решени сме да ја уништиме оваа инфраструктура. Нема да дозволиме Хезболах да се насели на овие места во иднина. Ќе продолжиме да им нанаесуваме тешки штети во сите области во Бејрут, во Либанската долина и во Јужен Либан“, изјави Херзи Халеви-началник на Генералштабот на Израел.

На другата страна од сината линија, гранатирана Хаифа. Израелската одбрана пресретната и непријателски авиони кои пристигнале од исток. Од Вашингтон ја следат ситуацијата. Дадоа поддршка за копнениот упад, иако велат-нивна цел е прекин на огнот и дипломатска резолуција.

„Сметаме дека е соодветно Израел во овој момент да ги изведе терористите пред лицето на правдата и со овие ограничени упади да го потисне Хезболах назад од границата. Ја следиме ситуацијата и ќе видиме како ќе се одвива, на крајот од денот, нашата цел е дипломатска резолуција-онаа што беше усвоена од Советот за безбедност на ОН. Тоа би довело до безбедност на двете страни од границата“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.

Хезболах соопшти дека успешно го одбиваат пробивот на израелските сили. Обвинија дека Израел напаѓа цивилни цели, кршејќи го меѓународното право.

„Ова е воено злосторство, нема сомнеж за тоа. Аргументот дека некои автомобили или болници имале оружје или нешто друго, тоа се стари лажни аргументи што ги слушнавме претходно во Газа“, изјави Фирас Абијад – министер за здравство на Либан.

Во исчекување на одговорот на Израел за иранскиот напад и стравот од проширување на конфликтот во сеопфатна војна, САД на став дека таа може да биде избегната.

„Не верувам дека ќе има сеопфатна војна. Мислам дека можеме да го избегнеме тоа, но има уште многу да се направи“, изјави Џозеф Бајден – претседател на САД.

Шефот на европската дипломатија упати силен повик нуклеарните капацитети да не бидат цел на конфликти. Повика на прекин на огнот. Во истовреме, цените на суровата нафта скокнаа по ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и сугестиите на претседателот Бајден дека Израел е можно да изврши напад врз иранските нафтени постројки.

 

Бојана Крстевски