Блиски Исток

Серија последователни удари врз Бејрут, пресечен патот на границата Либан-Сирија

04.10.2024 11:47

Ситуацијата ескалира на Блискиот Исток. Тел Авив притиска врз проиранските милитанти на сите фронтови. Бејрут повторно на удар. Хезболах возвраќа. Пресечен патот на границата Либан-Сирија. Во исчекување на одговорот од Израел за иранскиот напад, Хамнеи се огласи од Техеран. Сеопфатна војна може да се избегне-тврди Бајден. Шефот на европската дипломатија Борел со повик за прекин на огнот.

Тел Авив го зголемува притисокот врз милитантите. Извршени серија последователни удари врз Бејрут. Цел на нападот бил потенцијалниот наследник на Насрала. Пресечен и патот на границата Либан-Сирија. Војската тврди бил користен за транспорт на оружје.

„Решени сме да ја уништиме оваа инфраструктура. Нема да дозволиме Хезболах да се насели на овие места во иднина. Ќе продолжиме да им нанесуваме тешки штети во сите области во Бејрут, во Либанската долина и во Јужен Либан“, изјави Херзи Халеви, началник на Генералштабот на Израел.

На другата страна од сината линија, гранатирана Хаифа. Израелската одбрана пресретната и непријателски авиони кои пристигнале од исток. Продолжија и операциите во Газа и на Западниот Брег. Елиминиран е лидер на Хамас во Тулкарем. Вашингтон ја следи ситуацијата.

„Сметаме дека е соодветно Израел во овој момент да ги изведе терористите пред лицето на правдата и со овие ограничени упади да го потисне Хезболах назад од границата. Ја следиме ситуацијата и ќе видиме како ќе се одвива, на крајот од денот, нашата цел е дипломатска резолуција-онаа што беше усвоена од Советот за безбедност на ОН. Тоа би довело до безбедност на двете страни од границата“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Во исчекување на одговорот на Израел за иранскиот напад, во Техеран, редок говор на ајатолахот Хаменеи за време на петочната молитва. Иран не бара војна, но ќе возврати посилно ако Израел нападне.

„Исламската република ќе ја изврши секоја задача што ја има на овој свет со сила и цврстина. Нема да одложуваме ниту да брзаме да одговориме на Израел. Нападот на Иран беше легитимен и легален“, изјави Ајатолахот Али Хаменеи, врховен лидер на Иран.

Во страв од проширување на конфликтот во сеопфатна војна, САД на став дека таа може да биде избегната.

„Не верувам дека ќе има сеопфатна војна. Мислам дека можеме да го избегнеме тоа, но има уште многу да се направи“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.

Шефот на европската дипломатија упати силен повик, нуклеарните капацитети да не бидат цел на конфликти. Борел повика на прекин на огнот.

 

Бојана Крстевски