МЕПСО со две нови инвестиции вредни 4 милиони евра
За крајните потрошувачи се обезбедува стабилен напон на електричната енергија со сведување на минимум ризиците од испади на мрежата...

Државната енергетска компанија А.Д. МЕПСО денес стави во функција две инвестиции во преносната мрежа во вкупна вредност од 4 милиони евра. По тој повод денеска премиерот Никола Груевски и Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО ги ставија во функција новиот 400/110 киловолтен енергетски автотрансформатор во трансформаторската станица Скопје 5 и реконструираниот 110 киловолтен далекувод што преку оваа трансформаторска станица ги поврзува Скопје и Куманово.
Првата инвестиција во врденост од 2,7 милиони евра е нов 400/110 киловолтен енергетски автотрансформатор. Со негово ставање во функција во паралелна работа се воведуваат два автотрансформатори, еден до друг, кои работат паралелно и имаат автоматска регулација на напон. Главна квалитативна предност е со нивната паралелна работа ќе се сведе на минимум ризикот од пад на напон во скопското енергетско подрачје што се снабдува со електрична енергија од оваа трансформаторска станици.
Со новата инвестиција за крајните потрошувачи се обезбедува стабилен напон на електричната енергија со сведување на минимум ризиците од испади на мрежата. Оваа инвестиција значајно ќе ја подобри доверливоста и ќе ја зголеми стабилноста на преносната мрежа и на снабдувањето со електрична енергија, соопштуваат од МЕПСО.
Втората инвестиција која ја реализира МЕПСО е реконструираниот 110 киловолтен далекувод Скопје-Куманово. На овој далекувод е извршена замена на постоечки со нови проводни јажиња. Вредноста на оваа инвестиција е 1,3 милиони евра, а заменети се проводни јажиња на трасата на далекуводот долг 26 километри. Сега далекуводот е опремен со такананаречено супер проводно јаже кое трпи поголемо оптоварување од класично проводно јаже. Тоа значи зголемена доверливост на електроенергетскиот систем, стабилна работа и подобрување на квалитетот на снабдување со електрична енергија, соопштуваат од МЕПСО.
