Здравство

Комисија ќе утврдува дали имало пропусти со починатата родилка од Куманово

04.10.2024 12:23

Формирана е комисија која треба да утврди дали имало пропусти со починатата родилка од Куманово. Идната недела ќе се знае од што починала, изјави министерот Таравари. Новороденчето, сè уште е на респиратор на Детската клиника во Скопје и во тек се невролошки иследувања...

И по една недела сè уште не се знаат причините за смртта на 31-годишната родилка од Куманово. Се чека извештајот од стручниот надзор и одговорот, дали се испочитувани протоколите за породување и треба ли да се обноват.

Додека надлежните ја утврдуваат причината за смртта на мајката, новороденчето е згрижено на Детската клиника, е ставено на респиратор за дишење. Бебето имало многу ниски оценки на раѓање, без срцева акција, без дишење, било реанимирано, а на Детската клиника било примено во тешка состојба.

Родилката почина во саботата, еден ден претходно била примена во болница со пукнат водењак, слаби контракции и почнато породување. Докторите чекале да добие спонтани контракции за породувањето да продолжи по природен пат, но по почнувањето на стимулацијата состојбата одеднаш се влошила. Бил викнат анестезиолог за реанимација, но, за жал, срцева акција и крвен притисок веќе немало, па докторите веднаш почнале операција за да го спасат бебето.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски