Димитриеска-Кочоска: Обврските се сервисираат со ребалансот
Веќе се исплаќаат обврските за кои претходната Влада немаше доволно средства испланирано, а се покриваат и доспеаните обврски за кои исто така беа обезбедени средства со ребалансот. Но она што не изненадува е појавувањето на дополнителни недоспеани обврски. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска...

Ребалансот на Буџетот, којшто го изготвивме во првите 100 дена, веќе се реализира. Веќе се исплаќаат обврските за кои претходната Влада немаше доволно средства испланирано, а се покриваат и доспеаните обврски за кои исто така беа обезбедени средства со Ребалансот. Но она што не изненадува е појавувањето на дополнителни недоспеани обврски. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на национална телевизија.
Таа се осврна на новиот Буџет за 2025 година, за што наведе дека тој е при крај со подготовка и дека приоритет ќе биде поддршка за инфраструктурата за капитални инвестиции, ќе продолжи проектот со општините во износ од 250 милиони евра, инвестиции во МФ и други институции за дигитализација, здравство, образование и слично. Исто така обезбедени се средства за зголемувањето на пензиите, а се прават и напори за раст на платите во основно и средно образование, како и во здравството особено за медицинските сестри и техничкиот персонал.
Во однос на средствата за проектите за општините со Ребалансот на Буџетот, наведе дека сите предвидени 6 милијарди денари се распределени по Министерствата преку кои ќе се реализираат проектите и дека најголем дел се во Министерството за транспорт и врски каде се планирани преку две ставки. Појасни дека сепак однапред не можело да се испланираат средствата затоа што не е познато кои проекти ќе бидат поднесени и поддржани.
