Уставните измени на пленарна седница

16.07.2014 15:04

Образложувајќи ја иницијативата за уставните промени, министерот за правда Аднан Јашари, појасни дека реформите во судството се приоритет години наназад,и постојано се во фокусот на пошироката и на стручната јавност...

Собранието на потег дали ќе даде виза за владиниот предлог за уставните измени. Парламентарното мнозинство ја повика опозицијата да се вклучи во дебатата бидејќи како што рече пратеникот Димовски, на такво нешто ги обврзуваат добиените гласови од граѓаните.

„Јас би сакал во оваа прилика да ги повикам оние пратеници кои не доаѓаат на работа во Собранието, а имаат добиено мандат од граѓаните на Република Македонија, да ја прифатат личната одговорност, дека во еден ваков клучен момент кога разговараме за уставното уредување на Република Македонија, тие својата партија и своите лични интереси ги ставаат на приоритетно место“, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНЕ, Илија Димовски.

Дебатата ја отвори министерот за правда. Практиката, континуитет во ЕУ реформите и препораките на ГРЕКО се причина за предложените корекции на клучниот правен акт, рече Јашари. Со таксативното набројување на предлозите и куса елаборација за понудените решенија, со уставната жалба, како дел од судскиот пакет, се воведува нов механизам во заштита на човековите права и слобооди којшто според првиот човек на ресорот  правда, бара и дополнителна законска регулатива.

„Уставната жалба којашто засега не е е дел или пак уставен институт, со овие измени се предвидува да стане засебен уставен институт“, рече министерот на правда, Аднан Јашари.

Недостаток на анализа и копмаративни податоци, вака дел од пратениците ја оценија дискусијата на министерот за правда. За Трајанов и Каровска дискутабилно дали во  Судскиот совет измените треба да бидат само за редефинирање на составот или треба да се прецизираат и критериумите како предуслов за да се биде избран во највисокото судско тело. Дилеми и за предлогот за формирање на меѓународна финансиска зона во  Македонија.

„Европската унија не дозволува фомрирање на такви зони во државите членки. Ќе ги загрозиме нашите перспективи за влез во ЕУ и НАТО. Затоа да не правиме експерименти и да направиме пошироки консултации“, рече Павле Трајанов, Демократскиот сојуз.

„Што сега ќе претставуваат овие меѓународни финансиски зони, дали ќе претставуваат некој даночен рај, дали ќе и донесат добро, или напротив, лошо на Македонија“, вели Роза Топузова Каревска, коалиција предводена од СДСМ.

ДПА веќе најави дека нема да гласа за нова Уставна корекција, но не ја пропушти можноста уште еднаш политичкиот противник да го етикетира како предавник. Етикетирањето кај вас оди многу лесно, и тоа не само кога е во прашање ДУИ туку и кога некои од вашите сопартици поинаку размислувуваат од партискиот врв, возврати интегративецот Алити.

82 гласа се неопходни за да почне процедурата за Уставните измени, по што следи јавната  расправа и владиниот предлог за нацрт- уставните аманмани.

 

Виолета Димовска