Босна и Херцеговина

Катастрофални поплави во БиХ, расте бројот на загинати и исчезнати

04.10.2024 13:37

Загинати, повредени и исчезнати во големите поплави во Босна и Херцеговина. Отсечен патот меѓу Мостар и Сараево, борба со надојдената вода и во Хрватска и Црна Гора.

Расте бројот на загинати, повредени и исчезнати во катастрофални поплави во Босна и Херцеговина, предизвикани од обилните врнежи на дожд. Утрото во најкритичните општини осамна со апокалиптични сцени – поплавени домови, патишта претворени во реки, урнати мостови, железнички пруги висат во воздух, а одроните и лизгањето на земјиштето сè уште претставуваат значителна опасност.

„Изутринава кога се разбудив и излегов на терасата, насекаде беше поплавено. Патот до Сараево и патот до Крешево се исто така поплавени. Тоа е хорор. Водата влезе во домовите на луѓето, се е уништено“, рече локален жител.

Федералните служби работат на извлекување и евакуација на граѓаните од загрозените подрачја, како и на санирање на огромните штети. Помош побарана и од меѓународната заедница.

„Ги повикувам сите граѓани кои можат, да помогнат во спасувањето на човечки животи, но и да не тргнуваат на пат, бидејќи патиштата не функционираат. Во моментов најважно е сите да работиме координирано“, изјави Адил Сута – министер за финансии на Херцеговачко – неретвански кантон.

Најкритична е состојбата во општината Јабланица, од која не може ниту да се влезе, ниту да се излезе по копнен пат, а не функционираат ниту мрежите на мобилните оператори.

„Побаравме помош од сите највисоки владини инстанци, но и од вооружените сили. Моментално работиме на тоа да испратиме хеликоптер во спасувачка мисија на едно дете во Јабланица“, изјави Марија Бухач, премиерка на Херцеговачко – неретвански кантон.

Поради силните ветрови и обилни дождови забележани и во соседна Хрватска, затворени се неколку патишта, а освен Босна и Хрватска, борба со надојдената вода се води и во Црна Гора.

 

Марија Котовска