Политика

Власта ќе го анализира предлогот на Филипче

04.10.2024 14:20

Власта ја прифаќа фрлената ракавица од опозицијата. Премиерот Мицкоски рече дека ќе го анализираат предлогот на опозицискиот лидер Венко Филипче, кој повика да се свика собраниска седница од затворен тип за да се кажат идните чекори на европскиот пат, по најавите за раздвојување на Скопје и Тирана. Опозицијата критикува дека земјава застранила од зацртаната стратешка цел.

Мора и Филипче нешто да каже. Ова е одговорот на премиерот Мицкоски на барањето на лидерот на СДСМ, да се одржи затворена седница на која Владата ќе го образложи планот за евроинтеграции. Но, сепак, тој најави дека ќе го разгледаат предлогот.

Филипче смета дека владата на Мицкоски ја оддалечува земјава од европскиот пат и затоа, вели, мора да се знае кои се лидерите кои ни даваат поддршка за одложено дејство на уставните измени и како треба да се стигне до членство во Унијата.

Во ДУИ се со став дека земјата е тргната од европскиот пат и дека треба да се знае како власта сака да продолжи, а сите да дадат придонес во евроинтеграцискиот процес.

И додека Беџети вели дека „Европскиот фронт“ останува во Собранието со 18 пратеници и покрај информациите дека лидерот на ДПА, Мендух Тачи ја напушта коалицијата, првиот вицепремиер Изет Меџити кусо коментира дека партиите од „Европскиот фронт“ не се споија идеолошки или за поголеми цели, туку за да опстанат на политичката сцена,

Од ДПА најавија дека деновиве ќе излезат со официјален став.

 

Миле Ристески