Специјалците на АРМ демонстрираа висок степен на обученост
Денеска во Радожда, Струга Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски и Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, ги посетија припадниците на полкот за специјални операции (ПСО) на АРМ, кои на овој локалитет изведуваат обука во летни услови.

Денеска во караулата во Струга кај Радожда во водите на Охридското езеро се случуваше вистинска драма но сето тоа беше само вежба и приказ на сите оние вештини на полкот за специјални интервенции на АРМ пред очите на Врховниот командант г-динот Ѓорге Иванов како и Министерот за Одбрана Зоран Јолевски.
Припадниците на полкот за специјални операции во Струга изведоа методско-показна тактичка вежба ,,Неутрализирање на непријателски пловен објект“, а беа прикажани и повеќе содржини од обуката на вода како што се: обука во нуркање, совладување на водени пречки и спасување на давеник.
„Со оваа вежба сакавме да ја прикажеме координацијата помеѓу АРМ и МВР во случај на уфрлување на дел од терористички групи на територија на Република Македонија“, вели Горанчо Котевски, Началник на ГШ на АРМ.
Припадниците на полкот за специјални операции вежбата ја изведоа заедно со припадниците на воздухопловната бригада, и со тоа демонстрираа висок степен на обученост и извежбаност за извршување на различни задачи на вода.
„Демонстриравме целокупна оспособеност и комбиниран капацитет на одговор на секаков вид на закана со поддршка и содејство на силите на армијата од воздух и од копно“, рече Васко Ѓурчиновски, бригаден генерал.
Обуката во летни услови со припадниците на полкот за специјални операции ќе се реализира во периодот од 2 јули па се до 10 август. Оваа година за спејалната единица Волци при АРМ е јубилејна 20-та година.
Јованчо Наумоски
