Села и градови целосно под вода, затрупани домови, над 20 жртви во поплавите во БиХ
Над 20 жртви во поплавите во Босна и Херцеговина. Шеснаесетина лица се водат како исчезнати. Меѓу нив цели семејства. Потрагата продолжува во најкритичниот регион долна Јабланица. Силно невреме ја зафати и Албанија, во Валона евакуација на население. И Хрватска се бори со поплавите...

Села и градови целосно под вода, затрупани домови од свлечишта – стравотни слики го обиколуваат светот по катастрофалните поплави што погодија делови од Босна и Херцеговина. Расте бројот на загинати и повредени. Десетици лица сè уште се водат како исчезнати.
„Сликата кажува повеќе од илјада зборови. Гледате ужас, вакво нешто не се случило на ова подрачје во последните 50 години. Имам 66 години и не се сеќавам дека некогаш било вака. на голема жалост, голем број луѓе загинаа. Тоа е најголемата штета. Куќата, дворот, асфалтот можат да се поправат, но човечкиот живот не може да се врати“, изјави Амир Хамзиќ – локален жител.
Силниот дожд и невремето предизвикаа и свлечишта на подрачјето на Јабланица, Коњица, Фојница, Кисељак и Крешево. Најтешко погодена е долна Јабланица, таму отпадот од каменоломот предизвика лавина која затрупа неколку куќи. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат цели семејства. Спасувачките екипи и единиците на цивилна заштита во трка со времето за пронаоѓање преживеани. Во спасувачката акција вклучени и армијата и полицијата. Многу населени места и натаму се отсечени. Во овие области е прогласена вонредна состојба.
„Ни претстојат денови и денови сумирање на штетите, чистење на она што зад себе го остави буицата, малите потоци кои се претворија во големи водени наноси, направија голема штета, блокираа некои од населените места, оставија зад себе пустош. Морам да нагласам дека во моментов немаме прооден пат до некои од нашите села“, изјави Ренато Пеја – градоначалник на општина Крешево.
Поројните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето и во Албанија. Улиците во Тирана, Валона, Леже се под вода чија височина достигна и до 50 сантиметри. Во Валона десетици лица се евакуирани поради одрони, а градот остана и без електрична енергија. Со поплави се справуваат и жителите на делови од Хрватска.
Маја Стојанова
