Почина 14-месечно девојче на Детска клиника
Почина 14-месечно девојче на Детската клиника. Семејството се сомнева во лекарска грешка и задоцнето хоспитализирање. Лекарите тврдат било донесено во тешка состојба со респираторна инфекција. Обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта...

Надлежните институции ќе проверуваат, дали има пропусти при лекувањето на 14-месечното бебе кое почина на Детската клиника со тешка респираторна инфекција. Семејството тврди дека иако неколку пати побарале лекарска помош во оваа установа, без потребниот третман биле испраќани на домашно лекување. Откако состојбата не му се подобрила, родителите го однеле во болницата за белодробни заболувања – Козле. Во ноќните часови состојбата му се влошила лекарите итно го транспортирале на Детската клиника.
„Два, три пати биле на Клиниката, не го примиле. Од таму им рекле детето е добро носи го дома. Му препишале сируп некој. Вчера отидоа во Козле од таму им рекле како смеело да не го хоспитализираат детето во болницата. Потоа ноќта состојбата му беше полоша, и од Козле го препратија на Клиниката за детски болести. Потоа брат ми ме викна да одам таму, затоа што во лоша состојба е бебето, јас отидов никој не излезе да ми каже информација, само еден доктор излезе и ми кажа дека детето не е добро но ќе направат се.“, изјави чичко на починатото девојче.
Здравствената состојба на детето брзо се влошила – тврди директорот на Детската клиника. Било примено со отежнато дишење и ниска сатурација. Лекарите се обидувале да го реанимираат, но безуспешно. Телото на детето е дадено на обдукција.
„На прием било во тешка состојба, цианотично, со многу ниска кислородна сатурација 40 проценти, декомпензирано. Пристапено е кон интубација од страна на колегите од интензивна нега и анестезиолог. Во текот на интубацијата направило кардијакарест, реанимирана е по протокол, но без одговор на реанимационата постапка егзистирало во 4 часот и 20 минути“, изјави д-р Реџеп Мемеди – директор на Клиниката за детски болести.
Вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде било лекувано детето ќе прави Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Ќе се утврдува дали имало евентуални пропусти.
„Со цел да се утврди вистинитоста за евентуалните пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица во здравствените установи како и лекарите кои учествувале во претходното овозможување на здравствена заштита. Обезбедената медицинска документација и изјавите на здравствените работници ќе бидат проследени до министерот за здравство и ќе се иницира формирање Комисија за стручен надзор.“ – велат од Инспекторатот.
На Детската клиника сè уште имаше полициско обезбедување, откако таткото на детето и неговиот брат, вознемирени по смртта на девојчето оштетиле инвентар во Клиниката.
Почина 14-месечно девојче на Детската клиника. Семејството се сомнева во лекарска грешка и задоцнето хоспитализирање. Лекарите тврдат било донесено во тешка состојба со респираторна инфекција. Обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта.
Андријана Ѓурческа
