Мицкоски: Сакаме решение, уцени не прифаќаме
Достоинствено решение, без уцени и ултиматуми, за исполнување на нашата цел. Нема да влеземе во замки со Бугарија, рече премиерот Мицкоски, по ставот на бугарското МНР дека процесот на евроинтеграции се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу Европската Унија и земја-кандидат.

Сакаме решение кое ќе биде достоинствено. Уцени и ултиматум не прифаќаме, а нашата цел е јасна, истакна премиерот Мицкоски по реакцијата на бугарското МНР дека процесот на евроинтеграции се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Според нив единствена гаранција за успех, е исполнувањето на поставените критериуми и услови. Македонскиот премиер пак смета дека Бугарија сака да ја вовлече темата Македонија во нивното предизборие. Но нема да се влезе во таква замка. Мицкоски истакна дека понудата од актуелниот претседател на Унгарија Орбан е дадено во име на претседателствувањето со Европската Унија.
„Ние сме подготвени кога сакаат и врз основа на која платформа или план сакаат да седнеме да разговараме и да најдеме решение и нормално, да ги почитуваме меѓународните стандарди. Сега треба да видиме кој во Бугарија какви сигнали испраќа, некој испраќа едни, други испраќаат други сигнали. Кај нас сигналот е јасен сакаме решение кое ќе биде достоинствено. Уцени и ултиматуми не прифаќаме“, истакна Мицкоски.
Унгарскиот премиер понудил да биде домаќин на средба меѓу Бугарија и Македонија, со цел да се види дали може да се приближат позициите и да се започнат преговорите со ЕУ.
Елена Георгиевска
