Се избегнува намалувањето на цените
Пазарните инспектори за само еден ден напишале казни од над два милиона денари за непочитување на ограничените маржи. Празни рафтови или нови производи со помала грамажа. Трговците бараат начин како да го заобиколат законот и да не го скастрат профитот...

Маржите се ограничени, но трговците и производители најдоа начин како да ги избегнат, Државниот пазарен инспекторат открил дека големите трговски ланци и производители манипулираат со нови производи со помала тежина за да ја избегнат мерката.
Граѓаните велат дека сè уште не забележуваат поголемо намалување на цените.
Одреден дел од маркетите не ја почитуваат мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, потврдува и премиерот Мицкоски.
„Можам да кажам дека сме исклучително задоволни за тоа што се случува во одредени маркети, не во сите, бидејќи во некои имаме, за жал, и шпекулативно однесување. Но, онаму каде што се намалени цените, тие се намалени, со оваа т.н. „Есенска кошничка“, некаде и повеќе од 10%. Посебно тоа се однесува на производите коишто се од житарици.“, изјави Христијан Мицкоски-претседател на Владата.
Пред новата грејна сезона, Инспекторатот забележал дека во земјава се продаваат пелети со помал квалитет и со лажна декларација на потекло.
Државниот пазарен инспекторат од понеделник ќе врши засилени инспекциски контроли.
Ирина Гелевска
