Анкета: Како влијае отсуството на опозицијата врз работата на Собранието?

16.07.2014 15:28

Бојкотот на опозицијата и настаните од 24 декември се рефлектираат на средната оценка за работата на Собранието која во последните две години е намалена за два процента...

Истражувањето на Институтот за демократија покажува дека мнозинството граѓани очекуваат новиот парлементарен состав да има слух за опозициските барања, но за тоа, како што потврдува анкетата, услов е опозицијата да се врати во Парламентот. Бојкотот на опозицијата и настаните од 24 декември се рефлектираат на средната оценка за работата на Собранието која во последните две години е намалена за два процента.

„Главен услов е враќањето на опозицијата во Собранието и втор чекор после тоа е развивањето на еден слух од страна на владејачката политичка партија за аргументите и барањата на опозицијата, пред се преку поголемо влијание на опозицијата во создавањето на дневниот ред, агендата на во однос на она што е предлог за работа на Собранието“, вели Владимир Мисев од Институтот за демократија.

Со недоличен речник и со малку аргументи на собраниската говорница спротивниот табор се убедува во исправноста на политичките предлози, стои во Анкетата.  Уште помалку тие аргументи се прифаќаат и имплементираат во финалните решенија. Институтот за демократија од 15 мај до 15 јуни годинава врз 1.000 испитаници спроведе истражување за работата на Собранието.

Безмалку половината сметаат дека пратениците треба да бидат поотворени за средби со граѓаните и да ги информираат за својата работа. Дека собранието треба да ја зголеми контролата врз работата на владата и да обрне поголемо внимание врз квалитетот на законите сметаат повеќе од 80% од анкетираните.

 

Анита Димитријевска