Царинска управа

Се модернизира граничниот премин Деве Баир

05.10.2024 19:39

Инвестицијата на граничниот премин Деве Баир е дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан на Светска банка, при што во рамките на овој проект за реконструкција и надградба на преминот се обезбедени 96 милиони денари...

Се модернизира граничниот премин со Бугарија, Деве Баир, со што ќе се овозможи подобро регионално поврзување и подобрување на трговските врски со останатите држави. Со поставување камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење денеска и официјално започна реконструкцијата и надградбата на граничниот премин Деве Баир на којшто се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на Светска банка за Македонија, Масимилијано Паолучи и директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.

Граничниот премин Деве Баир е прв позначаен источен граничен премин, кој овозможува влез кон Бугарија и пристаништето Бургас, а понатаму кон Романија и пристаништето Констанца, Молдавија, како и еден од двата главни коридори кон Турција.

Инвестицијата на граничниот премин Деве Баир е дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан на Светска банка, при што во рамките на овој проект за реконструкција и надградба на преминот се обезбедени 96 милиони денари. Покрај изградбата на нов современ административен објект на терминалот за стоково царинење, целосно ќе се реконструира и постоечката управна зграда на самиот граничен премин.

Министерот за транспорт Николоски, потенцира дека проектот треба да биде завршен до мај 2025 година и да имаме прва фаза завршена од реконструкција на граничниот премин Деве Баир.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски истакна дека со реконструкцијата на Управната зграда ќе се добијат современи услови за работа на царинските и полициските службеници, а со изградбата на новиот објект на терминалот за стоково царинење покрај царинските службеници, бенефит ќе имаат и службениците од Државниот инспекторат за земјоделие и граничната Фитосанитарна инспекција како и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Воедно процедурите за увоз, извоз и транзит ќе се одвиваат на едно место, што ќе претставува олеснување за економските оператори, а ќе се придонесе и кон скратување на времетраењето на завршување на постапките.

Директорот на Светска банка за Македонија, Масимилијано Паолучи потенцира дека Светска банка ја поддржува оваа агенда преку повеќе инструменти, но оти нивниот примарен ангажман е преку Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, чија цел е да се олесни движењето на стоки и услуги низ целиот Западен Балкан да се подобри ефикасноста и предвидливост на сообраќајот и да се зголеми пристапот до пазарот за трговија и инвестиции.

Во рамки на Проектот за олеснување на трговијата на Западен Балкан покрај Деве Баир се реконструира и граничниот премин Ќафасан како дел од Коридорот 8.