Здравство

Таравари: Мора да има одговорност за смртта на бебето

06.10.2024 16:37

Четиринаесетмесечното девојче кое почина на Детската клиника во Скопје било неколкупати одбивано за хоспитализација – потврди министерот за здравство. Стручната комисија која ги истражува двете клиники каде беше медицински третирано треба да ги обелодени деталите за случајот. Ако има лекарска грешка барам лична одговорност – вели Таравари...

Одговорност за смртта на 14-месечното бебе кое почина на Детската клиника мора да има, доколку се утврди вина – вели министерот за здравство Таравари. Потврди дека иако детето имало тешка респираторна инфекција, неколку пати било испраќано на домашно лекување без да добие соодветен третман на Детската клиника. Таравари вели, истражните органи треба да откријат дали тоа било грешка или незнаење на докторите.

„Заедно со ДСЗИ ќе формираме комисија и веднаш ќе постапат ќе ги земат сите детали предвид и на крај ќе се донесе одлука. Ќе се даде на судските органи и понатаму ќе се донесе конечно решение како треба да се постапи. Меѓутоа лична одговорност мора да има“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.

14-месечното бебе почина на Детската клиника од тешка респираторна инфекција откако било пренесено од болницата во „Козле“ со отежнато дишење и засегнати витални функции. Лекарите не успеале да го спасат и смртта настапила неполн час по приемот.

 

 

Андријана Ѓурческа