Прилеп пред Пиво фест

16.07.2014 15:54

Утре во Прилеп започнува годинешниот Пиво фест. Се очекуваат над 350 илјади гости од земјава и странство. организаторите потврдуваат дека се е подготвено за годинешната манифестација...

Се поставуваат штандовите, се местат бините, Прилеп на еден ден пред почетокот на Пиво фестот веќе пулсира во ритамот на најлудата забава на овие простори. Прилепчани со нетрпение го очекуваат почетокот на овој спектакл.

„Во Прилеп се очекува да дојдат над 300.000 гости од земјава и странство, се очекува се да помине во најдобар ред и да има голема забава“, велат прилепчани.

Се прават последните координативни состаноци за да се помине во најдобар ред. Прилеп и оваа година докажува дека е подготвен за организирање за настани од европски калибар.

„Градот има капацитет за преку 20.000 паркинг места, сите гости кои ќе доаѓаат со моторни возила ќе бидат прекеувани уште на самите влезови на градот и ќе бидат упатувани таму има слободно паркинг место“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

„Имаме координација со сите структури кои се инволвирани во организација мислам дека сме максимално подготвени за овој настан“, рече Станко Колески, командир на ППЕ Прилеп.

„Итната помош од 19 часот па се до 03 часот ќе има 3 екипи стационирани во центарот на градот, и плус 3 екипи ќе бидат на повик, така што мислам дека од медицинска гледна точка нема да имаме некои поголеми проблеми“, истакна Гоце Јонзоски, началник на Итна помош Прилеп.

На 20.000 метри квадратни се поставени 30-тина штандови. Хотелските капацитети и приватното сместување се скоро исполнети, а место се бара и во околните градови. Поради подобра услуга продолжено е работното време на сите трговски и угостителски објекти во градот.

Од утре па се до 20 јули сите патишта од Македонија ќе водат кон Прилеп, тука се очекува да бидат присутни над 350.000 гости. Бидете и вие дел од овој невиден спектакл кој моментално е најголемата забава на балканските простори.

Дарко Штаргоски