Со шекспировото „Отело“ почнува драмската програма на „Охридско лето“
Претставата пренесува едно реално видување дека и најмоќните луѓе имаат чувствително место кое може да се скрши...

Шекспировата драма „Отело“ во изведба на Битолскиот театар, вечерва, во 21 часот, ќе биде поставена на сцената на центарот за култура „Григор Прличев“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“, со што ќе се означи и почеток на драмската програма на годишното издание на фестивалот. Режијата е на Диего де Бреа од Словенија
Претставата пренесува едно реално видување дека и најмоќните луѓе имаат чувствително место кое може да се скрши. Текстот на преставата содржи приказна за еден човек кој има целосна контрола врз себе, но влегувајќи во параноидна состојба, се соочува со љубомора и на крајот завршува трагично.
„Овој текст не е прагматичен, ниту рационален текст. Тој сака да истакне дека љубомората може да се јави непредизвикана. Зборува за тоа како банална работа може да уништи една империја. Темата во ова време во кое живееме, во секоја смисла, е многу актуелна. Тоа е цивилизациска тема што ги третира војната, љубовта и верата и која сака да истакне дека Пандорината кутија на нашето време е желбата за власт“, стои во најавата за претставата.
„За мене како режисер секогаш е предизвик сензацијата на сцената и затоа и во оваа претстава максимален простор им отстапив на актерите“, вели режисерот Диего де Бреа.
Во Центарот за култура „Григор Прличев“ вечерва во 23 часот ќе биде промовирана новата театарска книга на Лилјана Мазова „Отворен круг“.
На претставувањето на книгата што е издание на издавачката куќа „Силсонс“, ќе говорат авторот Лилјана Мазова, директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска и актерот Драган Спасов – Дац.