Израел одбележува годишнина од терористичкиот напад на Хамас
Една година од нападот на Хамас врз Израел. Тел Авив возврати со крвава одмазда. Војната се прошири и во Либан, каде што цел на израелските напади е Хезболах. Ракетирања и меѓу Иран и Израел. Најновите информации за состојбата на блискиот исток ги има...

7 октомври – една година од нападите на Хамас врз Израел. Денот кој засекогаш го промени светот. Додека земјата им оддава почит на жртвите, звукот на артилериските истрели го нарушуваа минутниот молк. Борбата за правда нема да престане. Ова е лузна на човештвото-изјави претседателот Херцог.
„7-ми октомври 2023-тата е ден кој треба да се запамети засекогаш, кога илјадници сурови терористи упаднаа во нашите домови, ги уништија нашите семејства, палеа, киднапираа. Ова е лузна на човештвото. Лузна на лицето на земјата. Светот мора да сфати и разбере дека за да го промени текот на историјата и да донесе мир и подобра иднина во регионот, тој мора да го поддржи Израел во неговата битка против неговите непријатели“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.
„Сакам да им ветам на сите 101 заложник, во име на сите нас, на сите луѓе на Израел-нема да престанеме да се бориме. Нема да престанеме да го кажуваме нивниот глас. Нема да престанеме да инсистираме на моралната работа, и најосновната-тие да се вратат безбедно, што е можно поскоро“, рече Шир Сигел, ќерка на заложник.
Семејствата на жртвите од музичкиот фестивал „Нова“ се собраа и во Реим. Повеќе од 360 учесници на фестивалот беа убиени, а 40 земени за заложници. Ненадејниот прекуграничен упад на милитантите од Газа во кој загинаа речиси 1.200 Израелци, главно цивили, Хамас го правда како повик за будење на светот.
„Моравме да го алармираме светот за да им кажеме. Тоа беше удар за Израел. Ционистичкиот непријател и повик за будење до Меѓународната заедница. Моравме да направиме нешто што ќе му каже на светот дека има луѓе кои се под окупација со децении. Им наредивме на нашите борци на отпорот на 7-ми октомври да не таргетираат цивили, жени и деца. Секако имаше лични грешки и постапки на борците, но можеби чувствувале дека нивните животи се во опасност“, изјави Калил ал-Хаја, заменик-лидер на Хамас.
Како одговор на упадот, Израел им објави војна на милитантите во Газа. Цела година борби против Хамас, но и против проиранските групи кои во поддршка на палестинскиот народ, го напаѓаа Израел од повеќе фронтови. Непријателствата ескалираа по ликвидирањето на високи структури на Хезболах и Хамас во Либан и Иран, потоа следуваа напади од Техеран и ширење на конфликтот преку сината линија на либанска почва. Жестоките борби продолжија и на денот на годишнината. Милитантите од Газа истрелаа неколку ракети. Хезболах го погоди северниот израелски град Хаифа. Израел возвраќа со интензивни и смртоносни бомбардирања во Бејрут.
Бојана Крстевски
