Израел им одава почит на жртвите од терористичкиот напад на 7-ми октомври
Комеморации и борби. Израел ја одбележува првата годишнина од терористичкиот напад на Хамас што однесе повеќе од 1.200 жители и го запали Блискиот Исток. Претседателот Херцог побара поддршка да се справат со непријателите. Земјата е соочена со закани на повеќе фронтови. Хезболах ја ракетираше Хаифа, тензиите со Иран на највисоко ниво...

7 октомври – една година од нападите на Хамас врз Израел. Денот кој засекогаш го промени светот. Додека земјата им оддава почит на жртвите, звукот на артилериските истрели го нарушуваа минутниот молк. Заради мирот, светот мора да го поддржи Израел-изјави Херцог.
„7-ми октомври 2023-тата е ден кој треба да се запамети засекогаш, кога илјадници сурови терористи упаднаа во нашите домови, ги уништија нашите семејства, палеа, киднапираа. Ова е лузна на човештвото. Лузна на лицето на земјата. Светот мора да сфати и разбере дека за да го промени текот на историјата и да донесе мир и подобра иднина во регионот, тој мора да го поддржи Израел во неговата битка против неговите непријатели“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.
Семејствата на жртвите и заложниците од музичкиот фестивал „Нова“ се собраа и во Реим. Ветија дека нема да престанат со борбата за нивното враќање дома.
„Сакам да им ветам на сите 101 заложник, во име на сите нас, на сите луѓе на Израел-нема да престанеме да се бориме. Нема да престанеме да инсистираме на моралната работа, и најосновната-тие да се вратат безбедно, што е можно поскоро“, изјави Шир Сигел, ќерка на заложник.
За Хамас, упадот на милитантите во Израел во кој загинаа речиси 1.200 луѓе, бил повик за будење на светот.
„Тоа беше удар за Израел и повик за будење до Меѓународната заедница. Моравме да направиме нешто што ќе му каже на светот дека има луѓе кои се под окупација со децении. Им наредивме на нашите борци на отпорот на 7-ми октомври да не таргетираат цивили, жени и деца. Секако имаше лични грешки и постапки на борците, но можеби чувствувале дека нивните животи се во опасност“, изјави Калил ал Хаја, заменик-лидер на Хамас.
По упадот, Израел му објави војна на Хамас. Се бореше во Газа, но и против останатите проирански групи кои во поддршка на палестинскиот народ, го напаѓаа Израел од повеќе фронтови. И на денот на годишнината, борбите продолжија. Милитантите од Газа истрелаа неколку ракети кон Тел Авив, две лица се полесно повредени. Хезболах пак, цели кон Хаифа. Израел возвраќа со интензивни и смртоносни бомбардирања во Бејрут. Ја проширува и копнената офанзива.
„Ништо не остана. Целиот наш живот се промени. Ние сме раселени на улица. Луѓето умираат од глад, седат под дожд и под закана од проектили. Не ни останува живот“, изјави Али Асили, жител на јужно предградие во Бејрут.
Израел удира и во појасот Газа. Во истовреме, борби се водат и на Западниот Брег. Непријателствата ескалираа по ликвидирањето на високи структури на Хезболах и Хамас во Либан и Иран, потоа следуваа напади од Техеран и ширење на конфликтот преку сината линија на либанска почва. Поради конфликтот над 2 милиони луѓе на Блискиот Исток беа принудени да се раселат.
Бојана Крстевски
