Земјите од БРИКС формираат нов економски блок
Со нов економски блок, земјите членки на БРИКС ќе ја намалуваат финансиската доминација на Западот. На самитот во Бразил е потпишан договор за основање развојна банка.

На лидерски самит во Бразил – земјите од БРИКС бараат потесни економски и политички врски со Јужна Америка. Доминацијата на Западот ќе ја намалуваат со сопствен пандан на Светска Банка. Со почетен капитал од 50 милијарди долари и резервен фонд од уште 100 милијарди долари, новата банка со седиште во Шангај ќе ги кредитира инфраструктурните и развојните проекти на земјите од БРИКС.
„Демонстриравме политичка волја за заеднички развој. Брикс ќе има поголем удел во меѓународните финансии“, рече Кси Џинпинг, претседател на Кина.
„Денес стана реалност банката за која се зборуваше пред две години во Њу Делхи. Бенефит ќе имаат и земјите на БРИКС, но и земјите во развој“, изјави Нарендра Моди, премиер на Индија.
Според рускиот претседател Владимир Путин, договорот ќе овозможи реализирање на заеднички програми за одржлив развој.
„Сакаме да основаме и сојуз за енергетика и банка за резерви на гориво со што би се зголемила енергетската сигурност“, рече рускиот претседател.
Ова е шеста средба на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка кои заземаат 26% од површината на Земјата и половина од светското население. Основањето на БРИКС-банката се смета за прв чекор во уривањето на доминацијата на американскиот долар во глобалната трговија.
