Граѓаните бараат поевтини производи и контроли
Поголемо намалување на цените на производите, но и контрола на трговците и воведената маржа, бараат граѓаните. Тие велат дека засега нема голема разлика на цените кои потенцираат се вивнале до небо. Инспекторатот пак продолжува со засилените контроли, откако се утврдија манипулации со грамажите …

Секое намалување на цените е значајно, но граѓаните со забелешки засега не гледаат големо поевтинување на основните продукти. Тие се согласни дека трговците наоѓаат начин и ја заобиколуваат ограничената маржа. Бараат засилени контроли и казни, бидејќи велат едвај преживуваат, а цените во маркетите никогаш не биле поскапи. Дополнително се продаваат производи со намалена грамажа.
„На рафтовите секој ден различни цени, ги менуваат трговците“-вели една граѓанка.
„Не се води грижа, пензиите и платите се мали, а цените големи“-дополни друг.
„Цените се превисоки, неопходно е намалување“-укажа трет.
Државниот пазарен инспекторат од денеска продолжува со засилени контроли, откако се утврди дека трговците продаваат производи со помала грамажа, за да ги заобиколат ограничените маржи. Откриени се манипулации со кафето, млекото и лебот. За само еден ден инспекторите изрекле казни од над 2 милиони денари на ланци, низ повеќето градови во земјава. Најавија казни и за трговците кои ги качиле цените пред да се донесе владината одлука или ги отстраниле производите.
Од 24-ти септември на сила стапи владината одлука за ограничување на цените на производите на над 70 основни прехранбени производи. Мерката има за цел да ги намали трошоците за храна, со ограничување на максималната маржа до 10%. Истата ќе трае до крајот на октомври.
Елена Георгиевска
