Додека земјата им оддава почит на жртвите, звукот на артилериските истрели го нарушуваа минутниот молк
Kомеморации, ракети, борби. Израел ја одбележа годишнината од терористичкиот напад на Хамас што го запали Блискиот Исток и однесе илјадници животи...

7 октомври – една година од нападите на Хамас врз Израел. Додека земјата им оддава почит на жртвите, звукот на артилериските истрели го нарушуваа минутниот молк. Заради мирот, светот мора да го поддржи Израел-изјави Херцог.
„Ова е лузна на човештвото. Лузна на лицето на земјата. Светот мора да сфати и разбере дека за да го промени текот на историјата и да донесе мир и подобра иднина во регионот, тој мора да го поддржи Израел во неговата битка против неговите непријатели“, изјави Исак Херцог-претседател на Израел.
Во чест на жртвите и паднатите војници од меморијалниот споменик од Ерусалим, порака упати и премиерот Нетанјаху.
„На ова место и на многу други места во нашата земја, се сеќаваме на нашите загинати, на нашите заложници – кои се обврзавме да ги вратиме, на нашите херои кои паднаа во одбрана на нашата татковина и земја. Поминавме низ страшен масакр пред една година и се подигнавме на нозе како лавови“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Ветување дека нема да престанат со борбата, киднапираните да се вратат дома, испратија и семејствата, откако властите ја потврдија смртта на уште еден заложник. За Хамас, упадот на милитантите во Израел бил повик за будење на светот.
„Моравме да направиме нешто што ќе му каже на светот дека има луѓе кои се под окупација со децении. Им наредивме на нашите борци на отпорот на 7-ми октомври да не таргетираат цивили, жени и деца. Секако имаше лични грешки и постапки на борците, но можеби чувствувале дека нивните животи се во опасност“, изјави Калил ал Хаја – заменик-лидер на Хамас.
По упадот, Израел му објави војна на Хамас. Се бореше во Газа, но и против другите проирански групи кои го напаѓаа од повеќе фронтови. И на денот на годишнината борбите продолжија. Хамас со проектили кон Тел Авив, Хезболх кон Хаифа. Израел возвраќа. Ги интензивира бомбардирања во Бејрут и ја проширува копнената офанзива. Удри и во Појасот Газа. Борби се водат и на Западниот Брег.
„Ништо не остана. Целиот наш живот се промени. Ние сме раселени на улица. Луѓето умираат од глад, седат под дожд и под закана од проектили“, изјави Али Асили – жител на јужно предградие во Бејрут.
Стравувањата од сеопфатна војна се зголемија откако непријателствата ескалираа по ликвидирањето на високи структури на Хезболах и Хамас во Либан и Иран, по што следуваа напади од Техеран и ширење на конфликтот преку сината линија на либанска територија. Светските лидери бараат итна деескалација и прекин на огнот.
Бојана Крстевски
