Гостивар

Водата во Гостивар небезбедна за пиење

07.10.2024 14:13

По Струмица и Гостивар без вода од градскиот водовод. Две анализи со различни резултати за присуството на манган, нарачана трета...

По Струмица, каде повеќе од една недела има забрана за пиење на водата, анализите и во Гостивар покажале присуство на манган над дозволените граници. Но, во истиот ден биле направени две анализи, првата која покажала загаденост и втора од Центарот за јавно здравје – Гостивар, која покажале дека водата е безбедна за пиење, бидејќи вредностите на манган се во рамки на дозволеното, па затоа, нова анализа била побарана од Центарот за јавно здравје-Скопје. Градоначалникот најави одговорност доколку имало пропусти.

АХВ потврди дека забраната е од петокот, по што се направени нови анализи.

„Во саботата земени се четири мостри за бактериолошко и физичко-хемиско тестирање на водата од градскиот водовод, со акцент на присуство на манган, од различни локации и од страна на инспекциските служби на АХВ и Институтот за јавно здравје Скопје и од Центар за јавно здравје – Гостивар, чиишто резултати сè уште не се добиени“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Проблем со водата има и во Тетово поради загаденост на водата во изворите Лешница, па градот се соочува со недостиг и ограничувања, а Струмица веќе втора недела е без питка вода.

 

Александра Спировска