Македонија

Вонреден надзор во Клиниките каде било лекувано починатото бебе

07.10.2024 14:49

Вонреден надзор на Детската клиника и во „Козле“ за случајот со 14-месечното бебе кое почина откако било одбиено за хоспитализација. Се бара одговорност за трагедијата...

Имало ли пропусти во лекувањето на 14 месечното бебе кое почина откако не беше хоспитализирано треба да утврди стручниот надзор. Здравствената инспекција врши контроли во Детската и во Клиниката во Козле, се разговара со раководителите, но и со лекарите задолжени за третман на бебето. Собрана е и медицинската документација. Изјавите на лекарите и документите ќе ги проверува посебна Комисија за стручен надзор, која треба да утврди дали некој погрешил во лекувањето на бебето.

Разврска чека и министерот Таравари. Потврди дека се сретнал со директорот на Инспекторатот, а екипите на терен собираат информации.

На одговорност за смртта на бебето повикува и опозицијата. Од СДСМ побараа итно да се преземат неопходните мерки за да се утврди вистината за она што се случило, а ако има пропусти од страна на лекарите, да се сноси и одговорност.

Семејството обвини дека иако бебето било во исклучително тешка здравствена состојба, лекарите од Детска не сакале да го примат во болница, по што помош побарале на клиниката Козле. Детето било примено, а потоа поради влошена состојба пренесено во Ургентниот центар кадешто починало.

 

Анита Димитријевска – Велковска