Енергетско поврзување на Скопје и Белград
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ во официјална посета на Македонија. Потпишан е Меморандум за соработка во енергетиката. Скопје и Белград ги продлабочуваат билатералните односи …

Економска соработка и инфраструктурно поврзување во фокусот на состанокот на премиерите на Македонија и на Србија, Христијан Мицкоски и Милош Вучевиќ. Изградбата на гасоводот кој е во фаза на тендерска постапка и нафтоводот чија траса тргнува од јужниот сосед, довршување на Коридорот 10, брзата железница се стратешка цел на Владата. Македонија да биде крстосница во клучните сегменти-патна, енергетска и железничка поврзаност на централна со медитеранска Европа – посочи премиерот Мицкоски.
Според него, изградбата на гасоводот ќе придонесе за регионалниот развој и евроинтегративниот процес на земјава. На средбата се разговарало и за предизвиците од аспект на стабилноста и безбедноста на регионот, а дијалогот бил посочен како клучна алатка за надминување на тензиите.
Двајцата премиери потпишаа Меморандум за соработка за економска и енергетска интеграција. Гасоводот со должина од 70-ина километри, чија изградба би било добро да се заврши до 2027 година, би пренесувал околу 45 милијарди кубни гас. Ќе придонесе до енергетска независност на регионот, согласни се двајцата премиери.
Се разговарало и за повторно организирање на меѓувладина конференција во Ниш.
Соработката во областа на културата и образованието е влог во иднината и начин младите да се задржат во матичните држави, согласни се двајцата премиери.
Марина Стојанова-Тонева
