Расте бројот на жртви во Јабланица, ЕУ го активира механизмот за цивилна заштита
Европската унија го активира механизмот за цивилна заштита за помош на поплавените во БиХ. Во Јабланица ново свлечиште, сè уште се трага по исчезнати…

Расте бројот на жртви во Јабланица, по стравотните поплави во Босна и Херцеговина. Спасувачки тимови од соседството и од земјите на Европската унија ги здружија напорите за расчистување на урнатините и пронаоѓање на исчезнатите. Ситуацијата дополнително ја отежнува новото предупредување за врнежи.
„Нашиот тим што го испраќаме од Црна Гора се состои од луѓе за заштита и спасување, односно извлекување од урнатините и испумпување вода со пумпи со голем капацитет“, изјави Данило Сарановиќ, министер за внатрешни работи на Црна Гора.
„Пет членови од нашиот тим се подготвени да одговорат на сите предизвици и опасности што се пред нив, а ние мораме да им дадеме добра логистика“, изјави Здравко Блечиќ, командант на Службата за заштита и спасување.
Жителите во шок и неверување, сведочат за ужасот низ кој поминале. Покрај човечки жртви, поплавите предизвикаа и огромни материјални штети, десетина домови се целосно уништени.
„Во одреден момент се најдов до колковите во водата, а потокот ме спушташе надолу, но потоа ја фатив блиската бетонска ограда и го фатив брат ми за рака, па успеавме да стигнеме до другата страна на оградата. Потоа се качивме на врвот од куќата и чекавме да дојде утрото“, вели локален жител.
„Слушнавме голема вода и камења како се спуштаат од ридот. Му реков на син ми, ајде да се качиме на таванот, не знаеме што ќе се случи“, додава жителка на Доња Јабланица.
И додека акцијата за спасување сè уште трае, босанските медиуми објавија сателитски снимки направени во периодот од 2018-та до август годинава кои докажуваат дека гранитот бил незаконски експлоатиран од каменоломот над Доња Јабланица. Токму во тој каменолом поради обилните врнежи настана акумулација која предизвика камена лавина која заврши врз куќите на локалното население.
Маријана Димовска
