Фестивалот на музички уметници на Македонија „Златна лира“ по 18-ти пат
На „Златна лира“ годинава ќе се претстават десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар. На репертоарот ќе бидат дела од македонскиот камерен опус, но и композиции на светски автори, со што ќе биде направен микс на локални и глобални музички традиции во врвни изведби на афирмирани музички уметници.

Сојузот на музичките уметници на Македонија – СМУМ го најавува новото издание на фестивалот на музички уметници „Златна лира“ кој ќе се одржи од 8-ми октомври до 3-ти ноември во Музејот на македонската борба.
Оваа традиционална манифестација ги промовира светските и домашните изведувачи и автори. На „Златна лира“ годинава ќе се претстават десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар. На репертоарот ќе бидат дела од македонскиот камерен опус, но и композиции на светски автори, со што ќе биде направен микс на локални и глобални музички традиции во врвни изведби на афирмирани музички уметници.
На фестивалот ќе настапат: Пијано трио (Татјана Петрушевска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано), Горан Начевски (баритон) и Николета Конти (пијано), Весна Ѓиновска Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), Дуо пијано Божиновска – Димовска, Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова – Филипова (пијано), Елена Атанасовска Ивановска (пијано), Владимир Костов (виолина) и Цветанка Созовска (чембало), Триото АУРА (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година) и Даница Стојанова (пијано). На свеченото затворање на фестивалот на 3-ти ноември ќе биде доделена и наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува на музички уметници или ансамбли за врвни уметнички достигнувања во текот на изминатата година.
Како и секогаш во рамките на фестивалот ќе биде отворен простор за младите уметници со кој на почетокот на нивната концертна кариера ќе имаат можност да се промовираат и афирмираат. СМУМ ја продолжува традиционалната соработка со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“. Оваа година, можноста да настапат на фестивалскиот подиум ќе ја имаат младите музичари Иван Стојанов (пијано), Ана Кузмановска (виолина), Лина Николоска (виолина) и Антица Николоска (виолина).
Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура. Влезот на сите концерти на програмата на фестивалот е слободен.