Блиски Исток

ИДФ тврди дека го убила шефот за логистика на Хезболах

08.10.2024 09:18

Израелските одбранбени сили тврдат дека го ликвидирале шефот на логистиката на Хезболах Хусеин Хусеини, клучна улога во трансферот на оружје од Иран. Во светот, масовни произраелски и пропалестински демонстрации со барање за ослободување на заложниците и примирје. Експертите на ООН Ги повикаа сите страни во конфликтот веднаш да ги прекинат непријателствата...

Нови воздушни напади врз Бејрут, како и низ источен и јужен Либан. Погодени станбени згради и цивилна инфраструктура. Израелските одбранбени сили тврдат дека го ликвидирале шефот на логистиката на Хезболах Хусеин Хусеини, клучна улога во трансферот на оружје од Иран. Либанските власти алармираат дека се затворат болници поради проширувањето на израелските копнени и воздушни напади.

„Имаме наши залихи, но никој не знае колку од тие залихи ќе бидат доволни поради немањето поддршка“, рече Али Авард, шеф на медицински сестри.

„Обезбедивме 10.000 литри гориво за генераторите на струја, но по два-три дена не знам како ќе ги обезбедам. Ова е повик до државата да се обидат да обезбедат гориво за да продолжиме“, рече Мона Абу Зеид, шеф на болница.

Вчера, на комеморативната церемонија во Тел Авив, една година од нападот на Хамас врз Израел, израелската армија објави дека од Либан се истрелани повеќе од 130 проектили кон северот, како и дека е лансирана ракета од Јемен. Израелскиот премиер вели дека борбата продолжува.

„Сè додека непријателот го загрозува нашето постоење и мирот на нашата земја – ние ќе продолжиме да се бориме. Сè додека нашите заложници сè уште се во Газа, ние ќе продолжиме да се бориме. Ние нема да оставиме ниту еден од нив. Јас нема да се откажам“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во светот, масовни произраелски и пропалестински демонстрации со барање за ослободување на заложниците и примирје. Политичките лидери на година од конфликтот испратија пораки за ставање крај на крвопролевањето. Од Вашингтон со став, време е да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа.

„Ние продолжуваме да се залагаме за прекин на огнот во Газа. Но, мора да ги натераме страните да дојдат на преговарачка маса. Одбивање на Хамас да се вклучи на значаен начин во преговорите, претходи на почетокот на израелските операции во Либан“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Експертите на ООН изразија загриженост за ширењето на насилство и непријателства во другите земји од регионот на Блискиот Исток, особено за ескалацијата во Либан. Ги повикаа сите страни во конфликтот веднаш да ги прекинат непријателствата и да ги почитуваат резолуциите.

 

Маријана Димовска