Култура

Кина ќе го прикажува целото филмско творештво на Милчо Манчевски

08.10.2024 10:57

Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.

Државниот Филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.

Во 2017-та, Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20-то издание на фестивалот во Шангај во 2017-та имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг.

Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот“ студентите учат за филмска структура.