Израел

Израел ги продолжи нападите во Либан и во Појасот Газа

08.10.2024 11:27

Израелските сили ги продолжија нападите во Либан и во Појасот Газа. Хутите и Хезболах возвраќаат со ракети кон Израел. Вашингтон бара примирје во Газа, премиерот Нетанјаху не се откажува, вели, борбата продолжува. Ниту Израел ниту Иран не сакаат општ конфликт, но постои висок ризик од погрешна процена, тврди шефот на ЦИА...

Израел ги продолжи нападите во Либан и во Појасот Газа, милитантните групи возвраќаат. Погодени станбени згради и цивилна инфраструктура. Ликвидиран шефот на логистиката на Хезболах, Хусеин Хусеини, клучна улога во трансферот на оружје. Либанските власти алармираат дека се затворат болници поради проширувањето на израелските копнени и воздушни напади.

„Имаме наши залихи, но никој не знае колку од тие залихи ќе бидат доволни поради немањето поддршка“, изјави Али Авард - шеф на медицински сестри.

„Обезбедивме 10.000 литри гориво за генераторите на струја, но по два-три дена не знам како ќе ги обезбедам. Ова е повик до државата да се обидат да обезбедат гориво за да продолжиме“, изјави Мона Абу Зеид - шеф на болница.

Над иранскиот град Исфахан во текот на ноќта активирани системите за противвоздушна одбрана. Неколку експлозии предизвикале загриженост за можен израелски напад. Шефот на иранското МНР го предупреди Израел да не ја тестира волјата на Техеран. Коментарите следуваат во време на шпекулации за можниот одговор на Израел на неодамнешниот ракетен напад од Иран.

„Доколку биде извршен каков било напад врз нашата земја, нашиот одговор ќе биде помоќен од претходно. Политиката на Иран е да го поддржи отпорот“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

На комеморативната церемонија во Тел Авив, една година од нападот на Хамас врз Израел, премиерот Нетанјаху потврди дека борбата продолжува.

Сè додека непријателот го загрозува нашето постоење и мирот на нашата земја – ние ќе продолжиме да се бориме. Сè додека нашите заложници сè уште се во Газа, ние ќе продолжиме да се бориме. Ние нема да оставиме ниту еден од нив. Јас нема да се откажам“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.

Од Вашингтон со став, време е да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа.

„Ние продолжуваме да се залагаме за прекин на огнот во Газа. Но, мора да ги натераме страните да дојдат на преговарачка маса. Одбивање на Хамас да се вклучи на значаен начин во преговорите, претходи на почетокот на израелските операции во Либан“, изјави Метју Милер - портпарол на Стејт департментот.

Блискиот исток е место каде постојано се случуваат комплицирани работи, вели директорот на ЦИА, Вилијам Барнс. Според него, американската разузнавачка заедница верува дека ниту Израел ниту Иран не сакаат општ конфликт, но постои висок ризик од погрешна процена.

 

Маријана Димовска