Србија

Малолетникот што ги уби своите соученици во Белград, донесен во суд

08.10.2024 11:58

Детето масовен убиец, Коста Кецмановиќ од ОУ „ Владислав Рибникар“ за прв пат донесен од психијатриска болница во суд да сведочи во процесот против неговите родители и пред родителите на убиените деца...

Малолетниот К.К., кој изврши масовно убиство на 13 години во училиштето „Владислав Рибникар“, денеска е изведен во Специјалниот суд во Белград каде сведочи во судскиот процес против неговите родители Миљана и Владимир Кецамановиќ. Тој откако го извршил делото за првпат е изнесен од психијатриската установа во возило на Брза помош, придружуван од полицијата и во судот ќе биде сослушан како сведок.

К.К., денеска за првпат лице во лице ќе се сретне со семејствата на неговите жртви, родителите на убиените деца, кои се потресени, тажни и со солзи во очите, но и со неговите родители, со кои од подигање на обвинението му е забрането да комуницира.

Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиштето Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.

„Со оглед на тоа што тој веќе беше сослушан во истрагата и се согласи да даде исказ, очекуваме дека тој денеска ќе даде исказ во судницата овде. Се надеваме дека за прв пат ќе има можност семејствата на загинатите и ранетите да ги постават прашањата кои ги мачат оваа година и половина. Со надеж дека ќе има некои одговори како и зошто се случило тоа, со надеж дека малку ќе ги расветлиме мотивите и да добиеме барем некаков мир за нив“, изјави Огњен Божовиќ, адвокат на оштетените.

Родителите на малолетниот убиец на претходните судења ја дадоа својата одбрана и ја негираа вината. Таткото на момчето е обвинет дека сторил кривично дело – тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи однел 13-годишно дете на стрелиште и го научил да пука, како и дека небезбедно дома чувал оружје. Мајката е обвинета затоа што нејзината ДНК е пронајдена на чаура во училницата каде што бил извршен масакрот.

Коста Кецмановиќ уби 10 лица и рани 5 деца и наставничката по историја. На судењето покрај адвокатите присутен и психијатар кој треба да го следи сведочењето на К.К. Во овој случај, судот го затвори судењето за јавноста поради заштита на интересите на малолетните жртви.

Оливер Бранковиќ