Македонија

Институциите да бидат пристапни за лицата со попреченост

08.10.2024 15:07

Институциите и градежните компании да ја прилагодат инфраструктурата и да бидат пристапни за лицата со попреченост, е пораката од отворањето на новиот центар за дневен престој за деца со попреченост во Куманово. Стручни лица ќе работат со дечиња до 12 години за усовршување на нивните вештини …

Над 40 дечиња од Куманово почнаа да ги користат бесплатните услуги за дефектолог и логопед, во новиот центар за дневен престој за лица со попреченост, којшто го отвори здружението „Инклузива“. Стручни лица ќе работат со децата од 5 до 12-годишна возраст на усвојување на комуникациски, интелектуални, моторни и когнитивни вештини. Интересот е голем, бројката на корисници може да се зголеми. Во објектот ќе функционираат две услуги, лична асистенција и центар за индивидуална работа. Од здружението со апел до институциите и градежните компании, да ги запазат стандардите применети во центарот и да бидат пристапни за сите.

„Се што се прави, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни, ниту ги исполнуваат критериумите за пристапност. Постои закон, постои правилник, но повторно се градат објекти кои не се пристапни“, истакна Благица Димитровска, претседателка на здружение „Инклузива“ Куманово.

Од општината потенцираат дека во минатото се работеше на прилагодување на инфраструктурата и за лицата со попреченост. При нови градби се применуваат стандардите. Но велат мора да се работи и на свеста на граѓаните, да не се узурпираат јавните површини. Дополнително очекуваат освен трите центри, Куманово да добие и простор за целосен престој.

„Нивото на соработка со ресорното министерство за труд и социјална политика кое има дополнителни надлежности, мора да се интензивира со цел во Куманово да се создаде еден центар за целосен престој за лицата од оваа категорија, бидејќи се соочуваат со сериозни проблеми“, нагласи првиот човек на Куманово, Максим Димитриевски.

Покрај индивидуалната работа со логопед, специјален едукатор и рехабилитатор, во центарот ќе бидат ангажирани и други стручни лица ако детето има потреба од одреден вид поддршка.

Елена Георгиевска